Коњановски: 82 години од ослободувањето на Битола – храброста на борците останува вечен симбол на слободата

Со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјата на борците и со оддавање почит на сите кои ги положиле животите за слободата, Битола денеска го одбележува 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. На овој ден пред точно 82 години, во 1944 година, Битола беше ослободена од фашистичкиот окупатор, а споменот на храброста и пожртвуваноста на борците и денес останува длабоко врежан во историјата на градот.

Во рамките на одбележувањето на празникот, делегации положија свежо цвеќе пред Споменикот на НОАВМ кај Центарот за култура, пред Споменикот на народниот херој Стив Наумов, како и на Партизанските гробишта.

Со овој чин беше оддадена почит на борците кои учествувале во Народноослободителната борба и на сите кои со својата храброст и пожртвуваност придонеле за ослободувањето на Битола.

На одбележувањето присуствуваа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, заменик-градоначалничката Марина Крстиќ, советници, претставници на Сојузот на борците, политички партии и здруженија на граѓани.

Делегации од збратимените градови заедно со битолчани го одбележаа празникот

Свеченото одбележување на Денот на ослободувањето на Битола беше збогатено и со присуството на гости од странство.

Меѓу нив беа делегации од збратимените градови Стари Град – Белград, Херцег Нови, Плевен и Бурса.

На свеченоста присуствуваа и претставници од Демре, во турскиот регион Анталија, со кои Општина Битола започнува пријателска соработка.

Нивното присуство претставува дел од одбележувањето на значајниот датум за градот, но и можност за негување и продлабочување на меѓународните пријателства.

Коњановски: Да не се заборави жртвата на оние што ја донесоа слободата

Градоначалникот Тони Коњановски им го честиташе празникот на битолчани и на присутните гости, потсетувајќи на историското значење на 4 Ноември и на храброста на борците кои пред 82 години ја извојувале слободата.

„Денес е голем ден за Битола, исто како што беше пред 82 години во 1944 година кога градот беше ослободен од тогашниот окупатор“, порача Коњановски.

Во своето обраќање, градоначалникот се наврати на историските моменти од ослободувањето, кога борците победнички влегле во Битола, а граѓаните ги пречекувале и поздравувале по градските улици.

Тој го нагласи значењето на зачувувањето на историската меморија и должноста на сегашните и идните генерации да не ја заборават жртвата на оние кои ги положиле животите за слободата.

Одбележувањето на 82-годишнината од ослободувањето е потсетување на вредностите врз кои се темели слободата, како и на одговорноста тие да се негуваат и пренесуваат на младите генерации.

Вечерва свечена академија и доделување на четвртоноемвриските награди

Празничната програма по повод Денот на ослободувањето на Битола продолжува вечерва во Центарот за култура.

Предвидено е одржување свечена академија, на која ќе бидат доделени традиционалните четвртоноемвриски награди.

По свечениот дел ќе биде изведен музичко-сценскиот перформанс „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“, со што ќе биде збогатена културно-уметничката програма посветена на празникот.

Со оддавањето почит на борците, присуството на делегации од збратимените градови и празничните културни настани, Битола го одбележува својот историски датум – 4 Ноември, денот кој останува симбол на слободата, храброста и пожртвуваноста.

Scroll to Top