(ВИДЕО) Јанг Дади стана рокер за Катарина Ивановска: Во новиот спот му се придружи легендарниот Зеле Липовача

Македонскиот музичар Јанг Дади ја претстави новата песна „Екс Ју“ (EX YU), во која ги спои современиот музички звук, југословенскиот рокенрол и хуморот. Посебно внимание привлекува гостувањето на легендарниот гитарист на „Дивље Јагоде“, Сеад Зеле Липовача, како и појавувањето на познатата манекенка Катарина Ивановска во видеоспотот.

Што сè е подготвен да направи еден млад скопјанец за да освои девојка која повеќе го сака југословенскиот рокенрол отколку современата музика? Одговорот Јанг Дади го дава преку необична музичка приказна исполнета со хумор, романтика и носталгија.

Во спотот за „Екс Ју“, музичарот целосно го менува својот изглед, обидувајќи се да стане вистински рокер. Перика, кожна јакна, прстени и стара „лада“ се дел од неговата трансформација, а сето тоа за да го привлече вниманието на девојката што ја толкува Катарина Ивановска.

Легендарниот Зеле Липовача дел од новата песна

Најголемото музичко изненадување е соработката со Сеад Зеле Липовача, основач и гитарист на легендарната рок-група „Дивље Јагоде“.

Липовача го отсвире гитарското соло во песната, а се појавува и во видеоспотот, со што проектот добива автентичен рокенрол-печат.

Новата песна е создадена во соработка со продуцентот Андреј Ник, додека Јанг Дади ги потпишува музиката и текстот.

Скопје во духот на поранешна Југославија

Видеоспотот е исполнет со препознатливи скопски локации, архитектура од минатото и детали што потсетуваат на времето на поранешна Југославија.

Посебен шарм на приказната ѝ дава старата „лада“, која станува дел од љубовната авантура на главниот лик.

Преку судирот меѓу современиот музички стил и југословенската рок-култура, Јанг Дади создава забавна приказна за генерациските разлики, љубовта и музиката што ги поврзува луѓето.

Песната е издание на „Авалон продукција“, а видеоспотот е реализиран во продукција на „Такат студио“.

Голем концерт на крајот од годината

По објавувањето на новата песна, Јанг Дади се подготвува и за голем концерт закажан за 30 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Влезниците се достапни преку продажната мрежа на „Авалон продукција“ и онлајн преку „Авалон букинг“.

Со „Екс Ју“, младиот музичар претставува поинаква страна од својот музички израз, комбинирајќи современ звук со препознатливи елементи од југословенската рок-сцена.

Scroll to Top