Пенелопе Круз добива големо признание: Холивуд ѝ посветува вечер на шпанската актерка

Пенелопе Круз ќе биде во центарот на вниманието на Меѓународниот филмски фестивал во Санта Барбара, каде што ќе ја добие наградата „Арлингтон уметник на годината“. Признанието за оскаровката ќе биде врачено на 11 февруари 2027 година, на вечер посветена на нејзините најнови улоги и кариерата што трае повеќе од три децении.

Организаторите соопштија дека настанот ќе вклучи осврт на филмовите со кои шпанската актерка годинава се појави пред публиката, но и на улогите што ја направија едно од најпрепознатливите имиња на европската и светската кинематографија.

Меѓу филмовите што ќе бидат издвоени е комедијата „The Invite“, во режија на Оливија Вајлд. Во неа Круз игра покрај Вајлд, Сет Роген и Едвард Нортон, а нејзиниот лик е сексолог чие доаѓање на вечера носи неочекуван пресврт.

Вниманието ќе биде насочено и кон „La Bola Negra“, филм на шпански јазик инспириран од недовршено дело на Федерико Гарсија Лорка. Во оваа драма Круз ја толкува Нене Ромеро, кабаретска пејачка за време на Шпанската граѓанска војна.

Филмот ја освои наградата на публиката на фестивалот во Торонто, како и наградата на публиката во Сан Себастијан.

Од „Волвер“ до оскаровската улога

Круз со години гради кариера меѓу шпанската и американската кинематографија. За публиката што ја следи европската продукција, таа е особено препознатлива по соработките со режисерот Педро Алмодовар, меѓу кои се „Volver“ и „Parallel Mothers“.

За улогата во „Parallel Mothers“ таа доби номинација за Оскар за најдобра главна женска улога, како и наградата за најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Венеција во 2021 година.

Претходно, Круз го освои Оскарот за споредна женска улога за „Vicky Cristina Barcelona“. Со тоа стана првата шпанска актерка што ја добила престижната филмска награда.

Во нејзината филмографија се и „Nine“ и „Ferrari“, во кој настапи покрај Адам Драјвер и Шејлин Вудли. Годинава се појави и во „The Bride“, филмот на режисерката Меги Џиленхол.

Најавени филмови со Хавиер Бардем и Џони Деп

Меѓу проектите што допрва треба да го привлечат вниманието на публиката е психолошкиот трилер „Bunker“, во кој Круз глуми со сопругот Хавиер Бардем. Во приказната, нејзиниот лик се соочува со криза во бракот откако сопругот, архитект, прифаќа задача да изгради бункер за технолошки милијардер.

Според најавата на фестивалот, актерката ќе се појави и покрај Џони Деп во трилерот „Day Drinker“, чија премиера е планирана за март 2027 година.

Наградата што ќе ја добие Круз го носи името на историскиот театар „Арлингтон“ во Санта Барбара. Прв ја доби Тимоти Шаламе во 2025 година, а потоа ѝ беше доделена на Кејт Хадсон.

Следното, 42. издание на фестивалот е закажано од 3 до 13 февруари 2027 година и ќе опфати филмски проекции, разговори со автори и средби посветени на познати филмски имиња.

Извор: Awards Radar

Scroll to Top