Џенифер Лопез го помина Денот на благодарноста во кругот на семејството, а со објава на социјалните мрежи откри зошто годинашниот празник за неа имал посебно значење. Пејачката и актерка се присети како како девојче со мајка си и сестрите гледала мјузикл на телевизија и сонувала еден ден и самата да пее, танцува и глуми. Годинава, пак, семејството се собрало пред екранот за да го гледа нејзиниот концертен филм.
Лопез на 26 ноември сподели фотографии од празничната атмосфера во домот, меѓу кои и семејна фотографија, мигови од подготовката на храната со мајка ѝ Гвадалупе, како и дел од празничната декорација.
На фотографиите се гледаат и нејзините деца, близнаците Еме и Макс, кои за празничниот викенд се вратиле дома од колеџ. Во објавата пејачката напиша дека се разбудила благодарна во куќа полна со семејство и дека се подготвува за вообичаените празнични традиции.
Како што пренесува „Пипл“, Лопез истакнала дека е благодарна за љубовта во нејзиниот живот и за времето што го поминува со најблиските.
Од детски сон до концертен филм
Празничната вечер за семејството имала уште еден повод за собирање. На американската телевизија Си-Би-Ес премиерно беше прикажан концертниот филм „The JLo Show: Live in Las Vegas“, посветен на нејзиното шоу во Лас Вегас.
За пејачката, гледањето на сопствениот настап заедно со семејството претставувало остварување на сон што го носела уште од детството.
Таа раскажа дека секоја година за Денот на благодарноста со мајка си и сестрите го гледала филмот „Приказна од западната страна“ („West Side Story“). Токму додека ги следела музичките и танцувачките сцени, почнала да замислува дека еден ден и самата би можела да настапува.
Во својата објава, Лопез го опиша моментот кога семејството се подготвувало да го гледа нејзиното шоу како остварување на тој детски сон.
Благодарност и до обожавателите
Покрај семејството, пејачката им се заблагодари и на своите обожаватели за поддршката низ годините. Таа напиша дека ја трогнува кога ќе помисли на љубовта и убавите моменти што ги споделила со публиката, а ги повика следбениците да ѝ испратат фотографии додека го гледаат шоуто.
Лопез претходно зборуваше за влијанието што „Приказна од западната страна“ го имал врз неа и на разговор одржан на 15 ноември во Њујорк, по прикажување на концертниот филм. Таму раскажа дека како дете со нетрпение чекала мјузиклот да се појави на телевизија.
Таа објасни дека токму спојот на музиката, танцот и глумата ѝ помогнал да ја замисли професијата со која подоцна ќе се занимава.
Концертниот филм сега носи дел од таа приказна пред публиката, преку настапите од нејзиното шоу во Лас Вегас. За Лопез, неговата празнична премиера била можност да се наврати на почетоците и да го сподели моментот со луѓето со кои некогаш ги гледала своите омилени филмови.






