Инстаграм добива посебна апликација за пораки: За „Direct“ нема да биде задолжителен профил

„Мета“ започна да ја тестира „Direct“, нова самостојна апликација за пораки поврзана со Инстаграм, преку која корисниците ќе можат да разговараат со пријателите и семејството поединечно или во групи. Апликацијата може да се користи и без профил на Инстаграм, но засега е достапна само во Турција и Тајланд.

Новата апликација се тестира за телефони со Android и iOS. Од „Мета“ засега немаат соопштено кога или дали таа ќе биде достапна во Македонија и на другите пазари.

Според најавата на компанијата, „Direct“ е замислена како посебен простор за допишување, со дел од можностите што корисниците веќе ги познаваат од пораките на Инстаграм, но сместени во одделна апликација.

Корисниците ќе можат да се пријават со електронска адреса или телефонски број. Оние што веќе имаат профил на Инстаграм ќе можат да ги употребат истото корисничко име и лозинка.

Ако се најават со својот профил, постојните разговори ќе се синхронизираат меѓу Инстаграм и новата апликација.

Пораки и за оние што немаат Инстаграм

Една од разликите е што за користење на „Direct“ нема да биде неопходно отворање профил на Инстаграм.

Според „Мета“, лицата што ќе ја користат апликацијата без профил на Инстаграм ќе можат да добиваат нови пораки и покани за групи од своите контакти.

За додавање контакт, корисникот ќе треба да го внесе неговото точно корисничко име или лично да го скенира неговиот QR-код.

Компанијата наведува дека постојните корисници на Инстаграм ќе можат да ги продолжат разговорите преку новата апликација, без да мора да започнуваат нова преписка.

Цртежи, налепници и гласовни ефекти

Покрај испраќањето пораки, „Direct“ содржи и алатки за уредување на разговорите.

Функцијата „Draw“ овозможува цртање директно во разговорот, додека преку „Stickers“ корисниците ќе можат да создаваат сопствени налепници.

Достапни се и кратките белешки „Notes“, кои се појавуваат над сандачето со пораки, како и можност за менување на изгледот на разговорот со различни теми.

Кај гласовните пораки се најавени ефекти што можат да го променат звукот. Меѓу примерите што ги наведува компанијата се звук на смеа од публика и ефект што потсетува на зборување под вода.

Што е предвидено за приватноста?

„Мета“ соопшти дека само контакти и лица со кои корисникот веќе е поврзан ќе можат да започнат разговор или да го додадат во група.

Во апликацијата се предвидени и можности за блокирање, ограничување, пријавување или отстранување контакти.

За тинејџерите што ќе се најават со својот профил на Инстаграм, компанијата наведува дека ќе важат постојните заштити за пораки од тинејџерските профили. Предвидени се и алатки за родителски надзор.

Минималната возраст за користење на апликацијата е 13 години, соопшти „Мета“.

Бидејќи станува збор за ограничено тестирање, засега нема потврда за поширокото пуштање на „Direct“. Корисниците надвор од Турција и Тајланд ќе треба да ги следат следните најави на компанијата за достапноста.

Scroll to Top