Американските медиуми пишуваа за смртта на Балашевиќ: Противник на национализмот и војната во Југославија

Некои од најреномираните американски медиуми ја пренесоа веста за смртта на Ѓорѓе Балашевиќ. Вашингтон Пост, Еј-би-си Њуз, Ен-би-си, Сан Франциско Хроникл, УС Њуз, Рипаблик и американската новинска агенција Асошиејтед Прес (АП) пишуваа за српскиот пејач, нарекувајќи го „можеби најголемиот на своето време и еден од ретките музичари кој бил сакан и почитуван во цела поранешна Југославија и по распадот на земјата“.

Асошиејтед прес во текстот го нагласи неговото отворено противење на национализмот и режимот на Слободан Милошевиќ.

„Кога Југославија се распадна во етничката војна во раните ’90-ти, Балашевиќ отворено се спротивстави на национализмот, што служеше како гориво за конфликтот. Поради неговите ставови, мејнстрим медиумите во Србија го критикуваа Балашевиќ за време на војната. И покрај тоа, тој остана омилен низ етнички поделениот Балкан“, пишува АП.

Асошиејтед прес напиша и дена медиумите во Хрватска и Босна и Херцеговина веднаш ја објавиле веста за смртта на Балашевиќ, а и дека во многу градови на некогашната Југославија, и покрај короната, луѓето излегувале да запалат свеќи, се пуштале неговите хитови и фановите се сеќавале на омилениот кантавтор и музичар.

Scroll to Top