Дојдоа и моите три минути слава

Даница Крстиќ и етно-бендот „Балканика“ годинава ќе ја претставуваат Србија на „Евровизија“ во Лисабон. Песната носи наслов „Нова деца“, а на неа работеа со македонскиот композитор Дарко Димитров. За него таа вели дека е човек со енергија, креативен  и одлично го знае она што го работи.

„Пред да влеземе во студио постојано имавме некои ситни пречки што моравме да ги надминеме. Ама во оној момент кога почнавме да работиме, апсолутно сè тргна нагоре и од Скопје си заминавме посреќни од претходно“, ни раскажа таа.

Оваа 22-годишна девојка и пред две години се натпреваруваше на српскиот избор со песната „Сузе за крај“. За многумина таа беше фаворит за победа, но на крајот во Стокхолм замина Бојана Стаменов. Даница вели не била тажна ни разочарана што не победила.

„Сигурна сум дека тоа не беше мој момент да одам на ‘Евросонг’. Ако отидев тогаш најверојатно тоа ќе имаше големи последици за мене, оти мислам дека во тој момент немаше да знам да се носам со многу од работите поврзани со оваа професија. Сега дојдоа моите три минути слава на таа сцена. Ќе се потрудам да ги искористам сите можности што ми се дадени во моментов, оти сум навистина подготвена“, вели Даница за „Репортер“.

Со двете евровизиски песни се соживеала подеднакво.

„Сметам дека и едната и другата ги покажуваат моите вокални способности, што е најважно кога е во прашање ваков вид натпреварување“, вели Даница. „Дури сега сфаќам што ми се случува и дека ми се оствари животниот сон. Од напорната работа и од заморот никој од нас не беше свесен што ни се случува. Минатата недела бевме во Лисабон да ја снимиме евровизиската разгледница. Дури откога се вративме, почувствувавме што нè очекува. Сега ни е сè јасно и едвај чекаме да дојде мај“.

Успехот на „Балканика“, според Даница е што се една од ретките групи што функционираат одлично.

„Нашата тајна е што сите се сакаме меѓусебно, се почитуваме и се дружиме и приватно. Секоја наша ‘екскурзија’ е луда и незаборавна авантура, а такво беше и патувањето во Португалија“, рече таа.

Подготовките за евровизискиот настап на „Балканика“ се во полн ек.

„Работиме со полна пареа. Гостувања, патувања за што подобра промоција на песната. Но, истовремено работиме со целиот тим задолжен за нашиот изглед, однесувањето на сцена и сè што треба за што подобро да се претставиме пред светот,“ рече Даница.

Андријана Јовановска

Scroll to Top