Мишо Ковач донирал апарат за реанимација на пациентите во болницата во Сплит

Со парите што ги заработил од продажбата на влезници за концертот во Сплит, хрватскиот пејач Мишо Ковач купил апарат за реанимација – дефибрилатор – за сплитската болница. Апаратот чини 14.000 евра и тој утрово бил однесен во одделот за итна интерна помош во болницата во Сплит, низ чии три амбуланти дневно се лекуваат стотина пациенти. Повеќето од нив се тешко болни, а меѓу нив има и лица со срцеви заболувања.

Началничката на клиниката д-р. Даниела Марасовиќ – Крстуловиќ изјавила дека освен постарите луѓе, во болницата секојдневно се примаат и млади луѓе со пореметен срцев ритам, а дека донацијата од популарниот пејач ќе ја зголеми нивната шанса да преживеат.

„Со еден ‘удар на струја’ работата на нивното срце се враќа во нормален ритам, а по неколку часа тие може да излезат од болницата како здрави луѓе. Со дефибрилаторот некому може да му се промени животот. Бидејќи донацијата е од Ковач, вработените на клиниката решија дефибрилаторот да ги наречат ‘Мишо’“, рекла таа.

Самиот Мишо Ковач не успеал да дојде утрово во сплитската болница на примопредавањето на донацијата, бидејќи се подготвува за концертот што ќе се одржи вечерва, а за кој се продадени преку 10.000 билети, пишува порталот „24 часа“.

Scroll to Top