Најсреќната стјуардеса преживеа пад од 10.000 метри

Весна Вуловиќ, стјуардесата што преживеа пад на авион од 10.000 метри, многумина ја нарекуваат најсреќната жена во светот. Таа се најде и во Гинисовата книга на рекорди за преживеан пад од најголема висина без падобран. Но, таа секогаш велела дека среќата имала никаков удел во нејзиното преживување.

„Ако имав среќа, никогаш немаше да ми се случи таа несреќа, а мајка ми и татко ми уште ќе беа живи“, изјавила во едно интервју. „Несреќата ги уништи и нивните животи подеднакво. Можеби само сум родена на погрешно место“. .

Неверојатната приказна на Вуловиќ започнува на 26 јануари 1972 година, кога 22-годишната стјуардеса летала од Стокхолм до Белград, со попатно застанување во Копенхаген. Таа воопшто не требала да биде на тој лет. Имала
кратко искуство од 8 месеци, а на списокот се нашла по грешка, на местото на друга стјуардеса која исто така се викала Весна. Неколку години подоцна раскажала дека сите како да ја претчувствувале несреќата, а еден од стјуардите постојано зборувал за своите деца, како да чувствувал дека веќе нема да ги види.

По еден час од полетувањето од Копенхаген, авионот експлодирал над чешкото село Српска Каменица, последица на подметната бомба, иако двајца новинари во 2009 година тврдеа дека авионот бил по грешка соборен од чешките воздухопловни сили. За подметната бомба никогаш никој не бил уапсен.

Во времето на експлозијата, Весна била заглавена од количка за послужување во опашката на авионот. Со опашката продолжила да паѓа надолу, а температурите биле многу под нулата. Опашката паднала близу селото, на стрмна падина со многу дрва, покриена со дебел слој од снег. Дрвјата го забавиле лизгањето по стрмнината, а снегот го ублажил финалниот пад. Неа ја нашол шумарот Бруно Хонке, поранешен воен доктор, кој знаел како да ѝ го сопре крварењето. Оттаму била однесена во болница, каде поминала 10 дена во кома. Имала скршен череп, два скршени прешлена, скршена карлица, скршени ребра и две скршени нозе. Била привремено парализирана од половината
надолу. Но, за кусо време успеала целосно да се опорави. Продолжила да работи во ЈАТ, но во канцеларија. Сакала да биде стјуардеса. Немала страв од летање оти ја изгубила целата меморија околу несреќата.

 

„Првото нешто на кое се сеќавам е кога ги видов моите родители во болницата. Зборував со нив и ги прашував зошто ме донеле во Словенија. Мислев дека сум во Словенија бидејќи пред Копенхаген ја посетив Љубљана“, рекла таа во интервју од 2002 година.

Починала на 23 декември 2016 година, на возраст од 66 години. Нејзиното тело го нашле соседите откако ја скршиле вратата, бидејќи Весна не одговарала на повиците.

Scroll to Top