Откриен тестаментот на Павле Вујисиќ

Српските медиуми деновиве пишуваат за тестаментот на актерот Павле Вујисиќ. Тестаментот бил напишан 1982 година, шест години пред неговата смрт. Документот го чувала неговата сопруга Мирјана, која потоа дозволила да биде објавен во книгата „Последен фајронт“ од авторот Александар Ѓуричиќ.

„Тестамент на Павле Вујисиќ, роден од мајка Радмила и татко Мишо, кој на ден 1 ноември 1982 година при чиста совест и здрава памет ја составува оваа порака. Сè што имам ѝ го оставам на сопругата Мирјана, која може да располага и да го отуѓи мојот имот, односно нејзиниот, а ако не е во состојба да располага со имотот, само судот може да располага со тоа што ќе остане зад мене. Ако Мирјана ме надживее, има да ме погреба со сите адети и почести на православната црква, со шест попови покрај моето тело, ама да не се чујат“, стои во тестаментот.

Тој побарал да биде погребан во семејната гробница, ама без говори.

„Овие шест попови ги сакам за инает, сакам да го прават тоа што се прави околу гробот, но сакам да молчат, глас да не им се чуе. Нека пеат во себе“, напишал тој своерачно во тестаментот.

Уште еднаш нагласил дека не сака никакво пеење и држење говори, а ако некој поп запеел, вели, „ќе почнел да се превртува во гробот и ќе станел од мртвите за да му ја е*е мамата“.

Тестаментот го напишал самиот. Потоа тој е заверен кај адвокат. Актерот починал на 1 октомври 1988 година.

Scroll to Top