Почина глумецот Тихомир (Тика) Арсиќ

Глумецот Тихомир (Тика) Арсиќ почина денеска на 64-годишна возраст. Од Народниот театар ја потврдија тажната вест. Тихомир боледуваше од рак на панкреасот за кој неодамна раскажа дека го открил сосема случајно додека се подготвувал за една филмска улога.

„Во мај минатата година се подготвував за филмска улога на човек што умира од рак. Пет месеци се подготвував за тој лик. Првпат влегов во салата за вежбање и тренирав бокс. Почетокот на снимањето, кое требаше да трае два месеца, беше многу напорно, па морав да отидам на лекар за детален преглед“, раскажал Арсиќ за медиумите.

Тој вели дека 20 години не играл таква голема улога на филм, па помислил дека треба да се осигури дека е добро и дека нема да мора да прави пауза.

„Направив неколку скенери и магнетна резонанција. Бев здрав и не чувствував никакви тешкотии. Но, тогаш случајно дознав дека имам рак на панкреасот“, раскажал глумецот и додал дека ракот бил во почетна фаза, но тогаш решил да не го одложува лечењето.

„Бев опериран за шест дена. Кога од операционата сала ме однесоа на интензивна нега, бев во бунило од анестезијата. Мојата сопруга Јелена беше покрај мене. Прво што ѝ кажав беше дека нема да биде ништо од филмот. За жал, филмот не го снимив, но, за среќа, го сними еден одличен глумец“, изјавил Арсиќ.

 

Scroll to Top