Синот на Брена по 17 години прозборе за киднапирањето

Стефан Живоиновиќ, 25-годишниот син на Лепа Брена и Боба Живоиновиќ, во интервју за српски „Телеграф“ првпат прозборел за  киднапирањето и траумата што ја доживеал кога имал само 8 години. Неговите родители со денови не знаеле кај им е синот, чекале телефонски повик или информација. Тие тврдат дека киднаперите им барале 2.5 милиони германски марки. Полицијата никогаш не ги нашла луѓето што го киднапирале и го вратиле по една недела.

„Чувствував огромен страв. Мислев дека тоа ми се последните денови од животот. Бев дете, ама бев свесен и за опасноста. Бев заробен, не знаев што ќе ми се случи. Во еден момент се помирив со ситуацијата, оти знаев дека не можам да направам ништо“, рекол Стефан во интервјуто.

Тој додал дека од трауматското искуство научил да го цени секој нов ден и да го искористи тоа што му го нуди животот, зашто никогаш не знае кога навистина ќе му дојде последниот ден. Тврди дека ја победил траумата, ама дека и понатаму во себе чувствува страв.

На почетокот на минатата година Стефан почнал да пее, и снима песни во издавачката куќа на Брена. Родителите и неговиот брат Виктор му се голема поддршка во тоа што го работи.

„Освен киднапирањето, мојот живот е мед и млеко. Не сум виновен што сум син на Брена и Боба. Не сум украл ништо од никого. Еден ден ќе ги раскажам и деталите, кога ќе создадам име за себе и кариера. Не сакам ова да се протолкува како обид за маркетинг на моја сметка“, рекол Стефан.

 

Scroll to Top