Познатиот српски епидемиолог Предраг Кон, кој е член на стручниот тим на Владата на Србија во борбата против коронавирусот, реагираше на ставот на тенисерот Новак Ѓоковиќ, за вакцината против коронавирусот.
Најдобриот тенисер на светот, за кои стојат милиони фанови, порача дека во овој момент тој не сака да ја прими вакцината против опасниот вирус.
„Како еден од најверните навивачи на Ѓоковиќ, би сакал да имам можност да му го доближам огромното значење и придонес на имунизацијата за здравјето на населението. Сега е доца. Тој веќе создаде погрешно убедување и тука повеќе нема помош. Мајсторе, ти посакувам сè најдобро. Обидувај се во иднина да избегнуваш директни одговори на прашањата поврзани со вакцинацијата, затоа што ти имаш огромно влијание“, објавил Кон на „Фејсбук“.
Најдобриот тенисер на светот се спротивстави на обврзувачката вакцинација против вирусот Ковид-19, а таквиот став би можел да го чини враќање на теренот и првото место на АТП-листата, пренесуваат британските медиуми.
Новак Ѓоковиќ во неделата вечерта, за време на разговорот со српските спортисти во живо, преку социјалните мрежи, го изнесе својот негативен став за вакцинацијата.
„Лично не сум за вакцинација и не би сакал некој да ме принудува да добијам вакцина за да можам да патувам. Ако тоа биде правило и закон, тогаш што ќе се случи? Треба да одлучам дали сакам да примам вакцина или не. Јас имам свое размислување, а дали ќе го променам во некој друг момент, не знам. Хипотетички, да продолжи сезоната во јули, август или септември, иако премали се шансите за тоа, колку што јас се разбирам, веднаш по укинувањето на строгиот карантин, ќе постои барање за обврзувачка вакцина, која сè уште ја нема“, изјавил Ѓоковиќ.