Хрватската ѕвезда Данијела Мартиновиќ по 30 години го преработи својот хит „Свилени“. Песната, што првпат ја испеа 1990 година, сега е со нов аранжман, а ја сними заедно со групата „Џелато систерс“. Оваа песна се наоѓа на нејзиниот последен албум „Неописиво“, а на кој се преработени некои од нејзините најпопуларни песни.
„Новата верзија на песната е со џипси свинг аранжман, а ритамот е инспириран од ’40-те години. За ‘Свилени’ и тогаш снимив спот, па знаев дека и сега мора да направиме нешто необично и забавно со режисерот е Дарио Радусин. ЦД-то е испечатено во лимитирано издание од 891 примерок. Ќе се продава онлајн и ќе го има изгравирано името на секој што ќе го порача,“ вели Данијела.
Пејачката неодамна во интервју за „Репортер“ раскажа дека новиот проект се вика „Неописиво“ бидејќи секој нејзин концерт и песна што е вклучена на албумот никогаш не звучат исто.
„Јас не знам каде ќе ме однесе енергијата, каква ќе биде реакцијата на публиката и што ќе се случува на концертите. Но, знам дека и со новите аранжмани, песните што се пееја во 1990те се пеат и денес со истиот жар, а публиката игра и се забавува повеќе од два часа“, рече тогаш Данијела.
Таа зборуваше и за врската со Петар Грашо, па откри дека кога го запознала, ѝ одел на нерви, но за брзо време се заљубила во него.
„Кога дојде да свири во ‘Магазин’ многу ме нервираше. Се нервирав и кога го гледав како јаде, а плус беше многу висок, а јас ситна. Но, на патувањата со бендот, разговаравме, се смеевме, сè беше некако природно, и така се зближивме. А, бидејќи и двајцата не знаеме кога ни почна врската, годишнина славиме на денот кога се запознавме“, раскажа тогаш пејачката.