(Видео) Германските медиуми за песната „Југославија“ – српскиот евровизиски претендент во фокус

„Дојче Веле“ го пренесува пишувањето на германските медиуми за политичките несогласувања што го следат Евросонг. Весникот „Франкфуртер Рундшау“ прашува дали нови расправии би можеле да избијат поради песната „Југославија“, која би можела да ја претставува Србија на натпреварувањето во Виена.

Ситуацијата околу песната „Југославија“ на овогодишниот избор за Евросонг предизвика бурни реакции на Балканот, пишува „Дојче Веле“. Станува збор за песна која уште во најавата на натпреварот отвори расправи и ја подели јавноста поради самата референца на поранешната државна заедница – Југославија.

Во Србија на социјалните мрежи и во коментарите се појавија бројни критики и реакции, бидејќи некои сметаат дека поимот „Југославија“ има политичко значење што не е соодветно за музички натпреварувачки формат како Евросонг.

Пејачката која ја изведува песната, Зејна, позната и како кума на белградската Парада на гордоста, им одговори на своите поддржувачи дека пораката на песната носи универзална порака за единство, мир и љубов и дека насловот не значи враќање на историски политички концепти, туку симболизира надеж и заедништво меѓу луѓето без оглед на нивните национални или етнички разлики, пренесе „Н1“.

Поради оваа песна, на почетокот на месецот на мрежата „Икс“ се огласи профилот „Евровизија Косово“, обвинувајќи ја Србија дека „не може да ја одвои политиката од Евровизија“. Се тврди дека песната ја „глорифицира“ Југославија и дека Европската радиодифузна унија нема да ја прифати доколку Белград ја испрати на натпреварувањето. „Франкфуртер Рундшау“ потсетува дека Косово не е членка на Европската радиодифузна унија и дека не е јасно кој стои зад овој профил. Сепак, пораката предизвика внимание во Србија и во другите поранешни југословенски републики.

Весникот потсетувадека Југославија постоела како кралство и како социјалистичка федерација, која се распаднала во крвавата војна, а на крајот станала унија на Србија и Црна Гора.

„Во оценката на Југославија до ден-денес се разликуваат мислењата во сите седум држави наследнички“, пишува авторот во текстот. Како што се наведува, критичарите му замеруваат на раководството на поранешна Југославија авторитарност и потчинување на народите. „Некои постари луѓе, пак, се потсетуваат на релативно безгрижен заеднички живот во мултиетничка земја без граници“, пишува германскиот весник.

Песната „Југославија“ може да биде предмет на проверка од страна на Европската радиодифузна унија само доколку навистина биде избрана за финалното натпреварување.

Критиките од Косово, наведува Дојче Веле, значително ги зголемиле нејзините шанси – „Југославија“ има најмногу прегледи на Јутјуб од сите кандидати.

За некои критичари, споменувањето на името Југославија во контекст на Евросонг буди сеќавања на минатите политички и воени конфликти на Балканот, додека други сметаат дека песната може да има поширока симболична порака што ги надминува политичките контексти.

Scroll to Top