(Видео) Српска новинарка молчеше во вестите како поддршка за сите што свиткале ‘рбет пред вистината

Откако глумицата Милена Радуловиќ го обвини за силување својот поранешен учител по глума, Мика Алексиќ, меѓу оние што јавно ѝ дадоа поддршка, беше и новинарката Јелена Обучина, која вестите ги почна со молчење. Видеото на кое таа молчи додека гледа во камерата се споделува на социјалните мрежи со хаштахот #несисама и со порака дека е време да почнеме јавно да зборуваме за работите што се битни, но и да не ги осудуваме жртвите на насилство.

„Непријатно е, но навикнавме да молчиме. Кога доцнат нашите плати, кога носиме пелени поради 300 евра, кога фотографираме гласачки ливчиња, кога пилотите се прогласуваат за алкохоличари, кога немаме вода за пиење, кога се трујат нашите реки, кога нема место во болниците, кога нè тепаат на протести, кога други му викаат на таткото на убиениот работник, кога Јутки аплаудират, кога идиоти уриваат дел од градот, кога тетката од Канада испраќа пари, кога се палат факли на покривите додека сме заклучени, кога Обрадовиќ е сатанизиран, кога Јовањица ќе процвета, кога видеото од наплатната рампа кај Косовска Митровица исчезнува, кога нè лажат за короната, кога се караат со соседите. Молчиме кога не треба. И затоа никогаш веќе не прашувајте ги жртвите зошто молчеле. Немате право, но поддржете ги да зборуваат секогаш кога ќе бидат подготвени“, рече Обучина во воведот во емисијата „Преглед на денот“ на телевизијата „Нукс макс адрија“.

Таа вели дека не знаела како поинаку да зборува за работите што се премолчуваат, освен и самата да молчи во вестите. Во интервју за српските медиуми Јелена вели дека се надевала оти нејзината реакција ќе допре до публиката, но не верувала дека ќе има толку голем одѕив на Балканот оти ѝ стигнале пораки од целиот регион.

„Ова е поддршка не само за Милена туку и за сите што некогаш го свиткале ‘рбетот и замолчеле пред вистината и проблемите“, додала Јелена Обучина.

 

Scroll to Top