Денеска во просториите на МРТВ почна снимањето на третата сезона од серијата „Преспав“. На снимањето на првата клапа беше и амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар. Во серијата играат Игор Ангелов, Тијана Дапчевиќ, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски и Александар Микиќ.
Екипата од „Преспав“ во новата сезона добива и засилување од Бугарија. Бугарската актерка Јана Маринова ќе се појави во серијата.
„Се екипиравме и продолжуваме со снимањето. Сега добивме засилување со Маринова и продолжуваме да газиме како досега. Нашата публика етапно се зголемува со текот на времето и веруваме дека ќе продолжиме по истите чекори како и досега“, изјави за „Репортер“ еден од главните актери во серијата, Игор Ангелов.
Идејата и концептот на „Преспав“ се на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги пишуваат Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов, Дељана Манева и новото засилување кое актерите го добија Јана Маринова од Бугарија.
ТВ-серијата „Преспав“ е во продукција на ОХО, а се реализира во соработка со МРТВ. Продукцијата ќе се реализира во комплетно обновено студио во МРТВ на повеќе од 1000 метри квадратни, каде ќе се овозможи снимање со богата сценографија, за која продуцентите веруваат дека во целост ќе ја долови илузијата на вистински пансион. Драмската игра се одвива низ неколку различни сетови: рецепција, лоби-бар, три гостински соби, тоалет, ресторан и ходник.
Продуцентот Пеце Талески најави дека ова ќе биде најквалитетната и најзабавна серија снимена досега.
Љубиша Владимиров