Денеска во Прилеп почнува „Пивофест 2018“, кој ќе трае до недела. На триесетина локации на булеварот Гоце Делчев ќе бидат наместени штандови.
На денешниот, прв фестивалски ден ќе настапат домашните ѕвезди: Бени и „Нон стоп“, Дани, Тони Зен и Кирил Џајкоски. Утрешниот ден е резервиран за настапите на Дарио, Ван Гог, „Црвена јабука“ и Моссел.
В сабота настапуваат „Фортисимо бенд“ и Гоце Чоки, „Некст тајм“, Џенан Лончаревиќ и главната ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. За последната, завршна вечер на „Пиво фест“ се предвидени настапите на Александра Јанева, „Либеро бенд“, Милица Тодоровиќ, а фестивалот ќе го затвори Шабан Шаулиќ.
И годинава за посетителите од другите градови, на Паркот на револуцијата ќе има организирано кампување и за сите нив ќе има појадок и топли напитоци, а ќе бидат обезбедени и туш-кабини.
Од јавното претпријатие ПУП, кое ќе се грижи за паркирањето на возилата, известуваат дека од досегашните 100 денари, паркирањето е намалено на 50 денари за еден ден.