Во трговскиот центар Скопје сити мол во соработка со МНТ се одржа изложба на театарски експонати. Изложбата нè врати 73 години наназад, во време кога била изведена првата театарска претстава во Македонскиот народен театар. Експонатите се од тоа време, па до денес, а изложбата покажа дека речиси ништо не е сменето – моќта на театарот е иста како и од првата претстава изведена во МНТ.
На изложбата свое место најдоа експонати од различни претстави, како и многубројни фотографии и други документи кои сведочат за богатата историја на театарската уметност во Македонија. Благодарение на кустосот кој вешто ги водеше посетителите низ изложбата, тие имаа можност да се запознаат со дел од она што било изведено на сцената на МНТ и да се уверат во моќта на театарот.
Ваквиот проект на Скопје сити мол и МНТ ги врати посетителите низ времето, во минатото кога театарот бил центарот на сите случувања, кога луѓето уживале во драмите, комедиите и трагедиите, па сè до денес кога младите повторно се враќаат во него.