Македонија годинава ќе учествува со неколку филма на филмскиот фестивал во Кан. Во официјалната конкуренција ќе се натпреварува копродукцијата „Дивата круша“ на режисерот Нури Билге Џејлан, а ќе бидат презентирани и два долгометражни филма, „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковки, како и два краткометражни филмови „Една“ и „Готлиб“.
Прв на филмскиот маркет на Канскиот фестивал ќе биде прикажан македонскиот игран филм „Ефектот на среќа“ (The Happiness effect) на 14 мај со проекција во Palais B на која ќе присуствуваат реномирани агенти, дистрибутери и продуценти од цел свет. Во „Ефектот на среќа“ главните ликови ги толкуваат Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, додека во другите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска.
Режисерот Зафировски го напиша сценариото заедно со познатиот драматург и писател Дејан Дуковски. Продукцијата е на „Ново македонско видео“, а најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенција за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу момент“, и националните филмски фондови на Србија, Косово и Црна Гора.
Во текот на истиот ден ќе биде прикажан и филмот на Илија Пиперковски „Дедо и внук“. За копродукцискиот проект меѓу Турција, Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска „Дива круша“ е особено голем успех прикажувањето во официјалната филмска конкуренција. Неговата проекција е закажана за 18 мај.
Канскиот филмски фестивал почна на осми мај со премиерата на Todos lo Saben на иранскиот режисер Асгар Фархади во кој играат Пенелопе Круз и Хавиер Бардем. Големата манифестација ќе трае до 19 мај кога ќе биде прогласен добитникот на највисокото признание „Златната палма“.