(Видео) Овации на концертот на Дуке Бојаџиев

Вчеравечер во Македонската филхармонија Дуке Бојаџиев го одржа првиот од двата концерта во Скопје, наречени „Сон. Верба. Љубов“. Придружуван од кларинетистот Исмаил Лумановски, од Костас Анастасијадис на тапани и Мартин Ѓаконовски на контрабас, тој предизвика огромни овации кај публиката. Час и половина таа слушаше без здив, а секоја изведба ја наградуваше со силен аплауз. Одлични на сцената беа и Тијана Дапчевиќ и актерката Наташа Петровиќ, која и пееше и рецитираше поезија.

Концертот на Бојаџиев беше спој од филмска, класична и изворна музика. Концертот почна со песната „Катарина“ од филмот „Уставот на Република Хрватска“. Ги отсвире и самиот ги пееше песните од филмот „До балчек“. Заедно со Наташа Петровиќ ја отпеа нумерата „Сон“ од филмот „Војната заврши“. Актерката, пак, рецитираше поезија од Ана Бунтевска и од Петре М. Андреевски со што ја најави песната „Тео“, посветена на Теодор, синот на Дуке.

На овој концерт Дуке првпат настапи заедно со Тијана, со која се дружат од деца. Таа ја пееше песната „Ти си некаде“, сеќавање на неговиот покоен татко, Тодор Бојаџиев. На бис Дуке и Тијана заедно ја испеаја песната „Дојди“.

Во текот на концертот, Дуке му се заблагодари и на човекот што му помогнал кога првпат пристигнал во Америка пред 19 години.

„Ова обично не го правам, не поздравувам никого, ама Горазд и неговото семејство ми помогнаа кога стигнав во Америка. Ме пречека, ми даде дом, па потоа ме испрати во Бостон, иако не се знаевме лично. Ова го прави со години и им помогнал на многу Македонци“, рече Бојаџиев.

Публиката уживаше во текот на целиот концерт. „Неверојатно“, „Одете да го гледате Дуке“, „Наежување од првата до последната минута“, беа само дел од коментарите на луѓето што присуствуваа на концертот.

Вториот концерт е закажан за вечерва во 19:30 часот во Македонската филхармонија.

А. Јовановска

Scroll to Top