Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александре де Мораеш, отвори истрага против Илон Маск за попречување на правдата во врска со социјалната мрежа „Икс“, се вели во судски документ.
Маск ја оспорува одлуката на судијата Мораеш да и нареди на неговата платформа за социјални медиуми „Икс“ да блокира одредени сметки.
Маск претходно најави дека „Икс“ ќе ги укине ограничувањата бидејќи тие се неуставни.
Мораеш во својата одлука рече дека „Икс ќе се воздржи од непочитување на која било веќе издадена судска наредба, вклучително и повторно активирање на профилот блокиран од Врховниот суд“.
Доколку „Икс“ не ја исполни наредбата за блокирање одредени сметки, компанијата ќе биде казнета со 100.000 реали (околу 18.200 евра) дневно, рече судијата, пренесе Ројтерс.
Ниту Маск, ниту бразилските власти не открија кои сметки на социјалните мрежи се блокирани. „Икс“ прво ја објави наредбата за блокирање во саботата, но не беше веднаш јасно кога е издадена наредбата.