„Фејсбук“ размислува за новини на социјалната платформа и секој корисник да може да креира по пет профили. Еден за пријателите, друг за семејството, трет за колегите на работа и така натаму.
На овој начин „Фејсбук“ смета дека ќе може да ги задржи своите корисници на платформата. Во соопштението до јавноста од компанијата на Марк Цукенберг, објавија дека наскоро ќе можат корисниците да имаат повеќе профили поврзани со ист налог.
Во соопштението открија и дека новата функција ќе им овозможи на луѓето да имаат различни профили посветени на различни групи на луѓе. На пример исто лице ќе може да има еден профил за лични пријатели, друг за колегите на работа, а трет за семејството.
Компанијата рече дека креирањето и префрлањето меѓу профилите ќе биде исто така лесно.
„За да им помогнеме на луѓето да го прилагодат своето искуство на основа на интересите и односите, ќе ја тестираме оваа опција која на луѓето ќе им овозможи да имаат повеќе од еден профил, поврзан за еден „Фејсбук“ налог“, пишува во соопштението.
Попрецизно, корисниците ќе можат да си направат максимум пет различни профили под ист налог. Дополнителните профили не мораат да ги содржат вистинското име на лицето, се додека не содржи броеви или посебни знаци. Но, главниот профил на корисникот ќе мора и понатаму да го има вистинското име.
Ова е голем потег во споредба со актуелната политика на платформата, во која досега креирањето на повеќе од еден личен профил на социјалната мрежа беше спротивно на правилата.
„Фејсбук“ тврди дека новата опција на повеќето профили исто така може да биде корисна за луѓето да ги организираат своите интереси, затоа што ќе може да имаат одреден профил за следење на теми кои им се допаѓаат.
Се разбира, дополнителните профили, исто така, ќе подлежат на правилата на Фејсбук, а нивното прекршување ќе резултира со казни за целиот налог.