Дејвид Бекам основа свој фудбалски клуб

Дејвид Бекам, поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Англија, вчера основаше свој фудбалски клуб во Мајами. Ова ќе биде 25. клуб во американската МЛС лига.

Бекам уште од февруари 2014 година поседува франшиза со која може да основа фудбалски клуб во Америка, зашто во неговиот договор со поранешниот клуб ЛА Галакси постоеше клаузула според која тој по понисла цена можеше да ја купи франшизата. Клубот на Бекам сè уште нема име, а домашните натпревари ќе ги игра на стадион со капацитет од 25 илјади места.

„Презадоволни сме, благодарни и возбудени. Ветувањето до нашите навивачи ширум светот е едноставно: вашиот тим секогаш ќе настојува на теренот да ве направи горди, нашиот стадион ќе биде место кое сакате да го посетувате, а нашето влијание на заедницата во Флорида ќе биде големо“, рекол Бекам на прес конференцијата каде што го претставил клубот.

Бекам четири години се обидува да основа клуб, но имаше проблеми зашто локалното население се противело да изгради стадион. Бекам во декември 2015 година купи земјиште во Овертаун, округ на Мајами, каде што е лоциран стадионот.

Бекам е првиот поранешен играч на МЛС кој поседува свој тим во таа лига.

Scroll to Top