Елтон Џон ги одложи концертите поради свадбата на принцот Хари

Славниот британски композитор, пејач и пијанист, Елтон Џон, одложи два концерта во Лас Вегас поради претстојната свадба на принцот Хари и американската актерка и манекенка Меган Маркл, пишува весникот „Дејли експрес“.

Венчавката ќе се одржи на 19 мај во капелата „Св. Ѓорѓи“ во замокот Виндзор.

Музичарот, кој присуствуваше во 2011 година и на венчавката на принцот Вилијам и Кејт, требаше да пее во палатата „Цезар“ на 18 и 19 мај. Сега двата концерта се одложуваат.

Елтон Џон беше добар пријател на принцезата Дијана, мајката на принцовите Хари и Вилијам, ги познава од деца и многу би сакал да присуствува како гостин или изведувач на прославите.

„Тоа ќе биде прекрасно, толку го сакам тоа“, изјави пејачот одговарајќи на прашање на весникот дали би сакал да пее на свадбата на принцот Хари. Претходно, се појавија извештаи дека Елтон Џон може да се откаже од својата кариера.

На 25 март ќе наполни 71 година. За својата половина век кариера тој има издадено 30 студиски албуми продавајќи над 300 милиони примероци.

Scroll to Top