Евровизија ќе ја водат жени

Организаторите на годинашниот избор на Евровизија, кој ќе се одржи во Португалија, се решија изборот за најдобра песна во Европа да го водат четири водителки.

Минатата година се јавија голем број критичари кои им замерија на организаторите на Украина затоа што за улогата на водители решија да одберат тројца мажи.

Станува збор за Даниела Руа од САД, а на сцената ќе ѝ прават друштво и нејзините три колешки, Филомена Каутела, Силвија Алберто и Катарина Фуртадо од Португалија. Сите зборуваат португалски

Американката Даниела Руа е позната по учеството во серијата „НЦИС: Лос Анџелес“.

Филомена Каутела е родена во Лисабон во 1984 година. Својата актерска кариера ја почнала во театар во 2000 година, а во 2004 година дебитирала на филм, додека во 2005 година била избрана за презентер од страна на Ем-ти-ви Португалија.

Силвија Алберто е родена во 1981 година. Таа имала телевизиско деби во „Клубот на Дизни“ на свои 19 години. Една година подоцна била презентер на телевизиско шоу, а работела и во локална радиостаница во Лисабон. Водела и неколку шоуа за таленти, а била и евровизиски коментатор на Португалија во 2011, 2013 и 2014 година.

Катарина Фуртадо е родена во 1972 година во Лисабон. Таа неколку години работела како телевизиски презентер и актерка и развивала бројни проекти. Според студија на Марктест во 2017 година, Катарина се смета за најкредибилна личност во Португалија, при што неколкупати добивала признанија како вистинска инспирација за нејзината работа и великодушност. Од 2000 година таа е амбасадор на добра волја при ОН.

Даниела Руа, пак, е родена во Бостон во 1983 година. Кога имала 5 години нејзиното семејство се преселило во Португалија, а на 16 години ја почнала својата актерска кариера.

Во Њујорк студирала на Институт за фил и театар. Таа имала улога во филмот на Џорџ Лукас, „Црвени опашки“, а во моментов настапува во хит-серијата „НЦИС: Лос Анџелес“, како специјалниот агент Кенси. Ова шоу во просек неделно има 11 милиони гледачи.

Победата на Португалија ѝ ја донесе музичарот Салвадор Собрал со песната „Љубов за двајца“, на 62. Евровизија одржана лани во Киев, Украина.

На Собрал, кој за себе вели дека е голем љубител на џез-легендата Чет Бејкер, во декември му беше пресадено срце.

 

Scroll to Top