Како што пренесува Би-Би-Си, две млади Бразилки исчезнале во септември 2022 година, а нивните семејства и пријатели започнале потрага низ САД за да ги најдат.
Исчезнатите девојки живееле со истакнатa инфлуенсерка, Кат Торес, која порано била познат модел и била видена како се забавува со Леонардо ди Каприо.
Торес успеала да привлече голем број девојки, ветувајќи им дека ќе ги научи како да успеат во светот и да стекнат самодоверба. Една од нив, Ана, која одиграла клучна улога во пронаоѓањето на инфлуенсерката и нејзините жртви, изјави дека во 2017 година наишла на Инстаграм профилот на Торес.
„Ме привлече како успеа од бразилска фавела да дојде до меѓународна слава за модел“, рече Ана, додавајќи дека во тоа време се чувствувала ранлива и дека Торес и дала надеж. Инфлуенсерката ја напиша и својата автобиографија „Гласот“, тврдејќи дека има духовни моќи и може да ја предвиди иднината“
Сето тоа ја привлекувало Ана, но и останатите девојки, но тие не знаеле дека Торес својата книга ја засновала на полувистини и лаги. Инфлуенсерката им ветила на девојките деловен успех, пари и самодоверба.
Кога Торес во 2019 година ѝ предложила на Ана да се пресели во нејзиното место во Њујорк, каде што ќе и биде помошник, девојката се согласила. Таа требало да се грижи за станот, да се грижи за домашни миленици и да готви за плата од околу 2.000 долари месечно.
Меѓутоа, набрзо сфатила дека Торес ја третира како робинка, постојано барајќи од неа да и помогне во сè и дозволувајќи и да спие само неколку часа на ден.
Бидејќи немала каде да живее зошто го откажала сместувањето во студентски дом во Бостон, а немала средства за живот, издржала три месеци, а потоа успеала да избега и да се пресели кај своето момче. Кога дознала дека уште две Бразилки, Дезире и Летиција, исчезнале во септември 2022 година, Ана и некои други измамени следбеници на инфлуенсерката ги контактирале безбедносните служби, вклучително и ФБИ.
Торес побегна со двете девојчиња кои ги држеше во заробеништво, но беше пронајдена и девојчињата беа вратени во Бразил во декември 2022 година.