Американскиот рапер Канје Вест потпиша договор со „Нетфликс“ за да ја раскаже својата приказна во новиот документарец, кој веќе содржи досега невидени снимки од раната кариера и приватниот живот на раперот.
Во вторникот „Билборд“ објави дека компанијата „Нетфликс“ му платила на Канје повеќе од 30 милиони долари за да го купи документарецот составен од неговите соработници Кларенс „Коди“ Сајмонс и Чајки Оза, во кој се вклучени моменти од раната кариера на раперот во Чикаго, смртта на неговата мајка Донде Вест, кариерата во модната индустрија и неговата претседателска кандидатура во 2020 година.
Сè уште не е познато дали документарецот ќе содржи детали за неговиот нервен слом во 2016 година, за кој беше хоспитализиран во Лос Анџелес, како и детали за разводот со Ким Кардашијан, низ кој минува во моментов.
Засега неименуваниот документарец треба да биде прикажан премиерно на „Нетфликс“ подоцна годинава.
Минатиот месец странските медиуми пишуваа дека богатството на Канје се проценува на околу 6,6 милијарди долари, првенствено заработка од неговиот успешен бренд „Yeezy“ вреден помеѓу 3,2 и 4,7 милијарди долари. Раперот имал и 122 милиони долари во готовина и акции, а од музиката заработил околу 110 милиони долари.
Покрај тоа, Канје има 17 милиони долари други средства, вклучувајќи значителен удел во акциите на линијата за облека на поранешната сопруга Ким. Таа неодамна и официјално се приклучи на клубот на милијардери, благодарение на успехот на нејзините брендови „KKW Beauty“ и „Skims“.