„Обликот на водата“ избран за најдобар филм на „Оскарите“

Јубилејното 90-то доделување на „Оскарите“ се одржа во „Долби“ театарот во Лос Анџелес, а во знак на најпрестижните филмски награди беа собрани најголемите холивудски ѕвезди кои продефилираа на црвениот тепих.

За најдобар филм беше прогласен „Обликот на водата“. Најдобрата женска главна улога ѝ припадна на Френсис Мекдорманд, додека Оскар за најдобра машка главна улога ја доби Гери Олдман, кој за првпат освои златна статуа.

Домаќин на 90-то доделување на Оскарите, како и минатата година, беше популарниот телевизиски водител Џими Кимел, кој на самиот почеток на церемонијата вети дека нема да го повтори киксот како од претходно кога погрешија со доделувањето на Оскарот за филмот „Ла Ла Ленд“.

Актерската ѕвезда Феј Данавеј и Ворен Бити ги прогласија добитниците на оваа престижна награда нагласувајќи дека истите грешки не се повторуваат двапати алудирајќи на минатогодишниот скандал со филмот „Ла Ла Ленд“.

Прочуениот „Оскар“ заврши кај мексиканскиот режисер Дел Торо, за остварување на делото „Обликот на водата“.

„Мислев дека ова нема никогаш да се случи, но ете, се случи. И сакам да им посакам на сите оние кои сонуваат,  слободно со ногата да ја скршите вратата и да дојдете на бината исто како јас“, истакна Дел Торо.

Филмот на „Обликот на водата“ собра вкупно 13 номинации. Освои 4 „Оскари“, за најдобра сценографија, најдобра режија, најдобра оригинална музика и на крајот за најдобар филм.

Џенифер Лоренс и Џуди Фостер ги презентираа номинациите за најдобра главна женска улога, која беше доделена на Френсис Мекдорманд  за улогата во филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

„Сите имаме некоја приказна што сакаме да ја раскажеме, но и проекти што сакаме да ги оствариме. Но, немојте да зборуваме за тоа на забавата по ова, туку повикајте нè во вашата канцеларија. Имам два збора за вас, инклузија и рамноправност“, истакна овогодишната добитнича, за која ова е втор „Оскар“. Првиот го доби за улогата во филмот „Фарго“.

Наградата за најдобра главна машка улога ја презентираа холивудските ѕвезди Џејн Фонд и Хелен Мирен, а „Оскарот“ го зема Гери Олдман за улогата во филмот „Најмрачниот час“.

„Сакам да им се заблагодарам на сите. Долго сум во Америка. Тука е мојот дом, мојот живот, моето семејство, а сега и ‘Оскарот’. Вие ми помогнавте овој сон да оживее“, изјави Одлмман и се заблагодари на сопругата Жизел, но и на мајка му за која нагласи дека е постара од „Оскарот“, а потоа ѝ порача:

„Стави вода за чај, го носам ‘Оскарот’ дома!“

Дел Торо ја освои наградата за најдобар режисер и конечно првата статуа за „Обликот на водата“, која ја прогласи минатогодишната добитничка на „Оскарите“, Ема Стоун.

Легендарниот Крисофер Вокен го прогласи победникот за најдобра оригинална музика, која ја компонираше Александре Делп за филмот „Обликот на водата“, кој инаку беше овогодишен фаворит. Најдобрата оригинална песна е „Запомни ме“, од анимираното остварување „Коко“.

Сандра Булок ја презентираше номинацијата за најдобра фотографија, а пред тоа се пошегува со публиката дека ѝ е потребно послабо осветлување на бината за да изгледа помладо.

На крајот, Оскарот за најдобра фотографија отиде за филмот Blade Runner 20149. По 14 номинации, ова е прв „Оскар„ за Роџер Дикинс.

Најпрестижната златна статуа за најдобро адаптирано сценарио ја прими Џејмс Ајвори, за драмата „Викај ме со твоето име“.

Честа да ја најави номинацијата за најдобро оригинално сценарио ѝ припадна на една од најголемите холивудски ѕвезди, оскаровката Никол Кидман, која при излегувањето на бината доби громогласен аплауз. Оскарот заврши во рацете на Џордан Пилу за дебитанското остварување „Бегај“.

Оскарот за најдобар краток документарен филм го освои „Рај е сообраќаен метеж на патот 405“, режисер на Френк Стифел, додека во категоријата за најдобар краток игран филм престижната награда ја освои остварувањето „Тивко дете“.

Изненадувањето оваа година беше Џими Кимел, кој се симна меѓу публиката во салата за време на проекцијата на филмот A Wrinkle in a Time, каде му ја даде честа на еден од присутните да ја најави следната номинација.

„Во еден момент гледате филм, а следниот сте пред милиони гледачи“, кратко изјави мажот од публиката кој Кимел го одбра за да ја прочита наредната номинација.

Оскаровецот Метју Меконахи ја најави номинацијата за најдобра монтажа.

„Оскарот“ заврши во рацете на филмот „Данкирк“, а наградата за најдобри визуелни ефекти го доби екипата од филмот Blade Runner 2049.

„Оскарот“ за најдобар анимиран долгометражен филм беше доделен за филмот „Коко“.

„Оскарот“ за најдобра споредна женска улога го освои Алисон Џени, на која ова ѝ е прв „Оскар“ во кариерата.

„Немам на кого да му се заблагодарам. Самата го постигнав овој успех“, се пошегува актерката и предизвика смеа во салата.

Чилеанскиот филм „Фантастична жена“ во режија на Себастијан Лелиа ја доби наградата за најдобар филм надвор од англиското говорно подрачје.

„Оскарот“ за најдобра сценографија го доби филмот „Обликот на водата“.

„Благодарам на сите од Канада, благодарам е за вас. Ѝ благодарам на Академијата, благодарам на Дел Торо. Ве молам да продолжите да снимате вакви прекрасни филмови. Багодарам на целата екипа од Торонто“, се заблагодари екипата на најголемиот овогодишен фаворит.

Најдобар долгометражен документарец е прогласен „Икар“ на режисерот Брајан Фогер.

Оскарот за шминка и фризура е доделен на екипата на филмот „Најмрачен час“, која Гери Олдман го претвори во Винстон Черчил. Марк Бриџис ја додели златната статуа за најдобар костим на филмот „Фантомска нишка“.

Оскарот за најдобра споредна машка улога заврши кај Сем Роквел, за улогата во филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“. Овој филм имаше седум номинации, а наградата ја додели Виола Дејвис.

 

Оваа година за првпат во историјата жена беше номинувана за најдобра фотографија.

Најмногу номинации, вкупно 13, имаше филмот на Гиљермо дел Торо, „Обликот на вода“, со осум номинации следеше филмот „Данкирк“ на Кристофер Нолан, а седум номинации освои филмот на Мартин Мекдони „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

Ѕвездите на Холивуд носеа портокалови беџети, како симбол на отпорот против вооруженото насилие, во знак на потсетување на неодамнешните пукања во школите во Флорида и ширум земјата.

 

 

Scroll to Top