Ноќеска, во Рим, на 91-годишна возраст, почина легендарниот италијански композитор Енио Мориконе. Тој починал како последица од падот минатата недела кога си ја повредил бутната коска.
Енио Мориконе се смета за еден од највлијателните филмски композитори од 20 век. Тој има напишано музика за повеќе од 500 филма.
Работел на музика за шпагети-вестерните, како што се „За грст долари“ (1964), „Добриот, лошиот и грдиот“ (1966) и „Беше еднаш на Дивиот Запад, 1968). Во осумдесеттите ја компонира музиката за хорор-филмот на Џон Карпентер – „Суштество“, за „Си беше еднаш во Америка“ од Серџо Леоне; „Мисија“ на Роланд Жофе, „Недопирливи“ на Брајан де Палма и „Кино Парадизо“ на Џузепе Торнаторе. Меѓу неодамнешните проекти беа и „Комплетен пресврт“ на Оливер Стоун, „Легендите за 1900 година“ и „Малена“ на Торнаторе и „Омразените осум“ на Квентин Тарантино.
Тој освои две награди „Греми“, два „Златни глобуса“ и пет награди „Ентони Ескит“ за филмска музика од БАФТА во периодот 1979-1992 година. Беше номиниран за пет „Оскари“ за најдобра музика, оригинална музика во периодот 1979-2001, а во 2007 година доби почесен „Оскар“ за неговите прекрасни и повеќеслојни придонеси во уметноста на филмската музика. Беше вториот композитор кој ја доби оваа награда по нејзиното воведување во 1928 година.
Мороконе настапи и во Македонија. Тој во 2009 година го отвори Охридско лето.