Почина легендарниот телевизиски водител Џери Спрингер

Легендарниот телевизиски водител Џери Спрингер, кој се прослави со своето бурно и сочно ток-шоу, почина на 79 години. Тажната вест ја потврди семејството, а неговиот публицист рече дека починал мирно во својот дом во Чикаго. Неговото шоу се емитуваше на телевизија речиси три децении, од 1991 година.

„Способноста на Џери да се поврзе со луѓето беше во срцето на неговиот успех во сите сфери. Тој е незаменлив“, соопшти неговото семејство.

Спрингер е роден во Лондон во 1944, а неговите родители биле германски Евреи кои избегале во Англија за време на Холокаустот. Дошле во САД кога Џери имал пет години. Пред да почне со телевизиската кариера, Спрингер бил градоначалник на Синсинати и советник во политичката кампања на Роберт Кенеди.

Неговото дневно ток-шоу стана симбол на евтина телевизија, при што во живо се случуваа караници, тепачки, пцуења и признанија за неверство.

На врвот на популарноста, „Шоуто на Џери Спрингер“ уживаше огромен рејтинг во САД. И додека тој го нарекуваше „ескапистичка забава“, други го обвинуваа дека придонело за падот на американските општествени вредности. Шоуто имаше над 4.000 епизоди, пред да биде укинато по 27 години емитување во 2018.

Scroll to Top