Минатата година доминираа нагласеното контурирање на лицето и исцртувањето и пополнувањето надвор од природните линии на усните. Овие трендови преовладуваа на „Инстаграм“ под силното влијание на кланот Кардашјан-Џенер.
Но, оваа година правилата на игра се менуваат благодарение на идниот член на кралското семејство кој предизвикува масовно внимание – Меган Маркл.
Веднаш по објавувањето на свршувачката со принцот Хари во ноември 2017 година, Меган стана втората најпребаруванa личност на „Гугл“ и нормално е дека со таквата популарност (ќе) изврши огромно влијание врз трендовите.
Еден од нив е секако делот со препаративната и декоративната козметика. Позната по својата чиста кожа со здрав сјај, 36-годишната актерка е обожавател на природното нагласување на цртите на лицето.
Тоа не значи дека не употребува или не сака шминка, туку, едноставно, има поинаков пристап кон декоративната козметика.
Каков изглед промовира идната принцеза на британското кралско семејство?
Збогум на надуваните усни исцртани надвор од линиите
Доколку под влијанието на Кајли Џенер се мачевте да го зголемите волуменот на своите усни, оваа година ќе се трудите да ги вратите во својата природна форма.
Она што е најважно е дека нивното исцртување надвор од природните линии е тотален аут, а Меган се погрижи за тоа.
Таа не се грижи карминот да е нанесен со совршена прецизност ниту, пак, да излегува надвор од природната големина на усните.
Смоки-очите повторно се враќаат во мода
Доколку во 2017 година фокусот беше ставен на т.н. cut crease во поглед на шминкањето на очите, оваа година дефинитивно смоки-изгледот се враќа во мода.
Сепак, слично како и Меган, ништо пренападно или пренагласено. Акцентирањето на очните капаци е најчесто со мат сенки во топли чоколадни тонови и малку црно моливче за очи.
Природно здраво руменило
Заборавете на силните контури. Меган направи повторно сите да се вљубат во нежните руменила со розов поттон, кои изгледаат како дел од вашиот природен изглед, односно слеани со вашата кожа.
Природни асиметрични веѓи
Ретко кој можеше да го сфати трендот на веѓите исцртани со неверојатна прецизност, пополнети со неколку козметички производи, цврсто фиксирани и повторно коригирани со течен коректор.
Конечно, не мора да се совршено еднакви и секое влакно да е на своето место.
Кожата на прво масто, шминката на второ
Инвестирајте повеќе во препаративна отколку во декоративна козметика. Скапата шминка ќе ве чини уште поскапо доколку не се грижите за лицето.
Слободно чкртнете од списокот неколку кармини, маскари и сенки и буџетот наменет за нив искористете го за производ што ќе го нахрани вашето лице, кое треба да блеска и без многу шминка.
Воедно, не прекривајте го пресилно секој недостаток на вашето лице. Покажете го онакво какво што е со минимална корекција, како пегите со кои Меган се гордее.
Кои козметички производи ѝ се фаворити на Меган вклучувајќи го и нејзиниот омилен парфем?