Сопругот на Натали Вуд осомничен за нејзината смрт

Цели 36 години по смртта на актерката Натали Вуд, полицијата го прогласи нејзиниот сопруг, актерот Роберт Вагнер, за главен осомничен. Ова откритие е изнесено јавно во документарната серија „48 часа“, за животот на славната актерка и мистеријата околу нејзината смрт.

„Вагнер последен ја видел Натали пред да исчезне, а по 6 години истражувања на овој случај заклучокот е дека Вагнер е главниот осомничен“, се наведува.

Актерот не бил достапен за коментар.

Натали Вуд почина 1981 година, на 43 години, кога наводно се удавила откако со Вагнер и актерот Кристофер Волкен тргнала со брод до островот Санта Каталина. Таа цел живот имала фобија од длабоки води, бидејќи гатачка ѝ рекла на нејзината мајка дека Натали ќе умре со давење. Нејзиното тело е пронајдено рано наутро во морето, откако претходната вечер имало голема караница помеѓу Вагнер и Волкен. Вагнер пред полицијата признал дека бил љубоморен на односот на Волкен и неговата жена. Тој тврдел дека нејзината смрт е несреќен случај.

Иако случајот бил затворен како несреќен случај, негово повторно отворање побарала сестрата на Натали, Лана.

Роберт Вагнер по смртта на сопругата ја презел грижата за нивната ќерка Наташа, а тврдел дека Натали исчезнала во гумениот чамец. Кристофер Волкен за овој несреќен случај и за она што се случило таа кобна ноќ никогаш не зборувал, освен со полицијата.

Scroll to Top