Филмот „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски освои уште една награда во категоријата „Најдобар филм“, овој пат на Интернационалниот филмски Фестивал во Париз. Ова е шеста награда за првиот долгометражен филм на Пиперкоски.
Парискиот Интернационален филмски фестивал (PIFF) е единствен месечен филмски фестивал, создаден како одговор на меѓународната побарувачка за уметнички филмови и можност за откривање млади таленти. Секој месец се организираат проекции со најдобри филмови и настани во Париз, но поради панденијата, целиот фестивал се одржува онлајн.
Главните улоги во филмот ги играат Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, а финансиски е помогнат од Агенцијата за филм.