Според нашите народни верувања, на 1 март, за среќа, се прави и се подарува мартинка, вид белезица од засукани конци.
Мартинката претставува засукани бел и црвен конец, најчестo волнени, а самите бои имаат строго определена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа и никогаш не се менуваат.
Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да им врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.
Мартинките се носат сè до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен. Ако по еден месец под каменот има мравки, годината ќе биде бериќетна.
Во Тиквешијата носењето на мартинките е најдоцна до 22 март и се верува дека на тој што ја носи ќе му донесе среќа во животот. Во други делови на нашата земја мартинките се закачуваат на најблиското расцветано дрво.