Мис Нов Зеланд е трансродова жена: Сакав да минам низ пекол како жена

Ариел Кил, трансродова жена од Филипините, е избрана за мис интерконтинентал на Нов Зеланд. Таа влезе во историјата на оваа земја како првата трансродова личност што ја освоила титулата. Ариел е родена во Давао Сити како Ендру, а полот го сменила на почетокот на оваа година. Вели дека најтешко ѝ било да им признае на родителите, но наместо да добие поддршка од нив, тие ја избркале од дома.

„Конкуренцијата беше одлично искуство. Тоа е нешто што го сакав долго време и ова е исполнување на мојот сон“, рече таа по победата.

26-годишната девојка, која студира моден дизајн, вели дека за неа било пострашно да открие дека е трансроова отколку да им каже на луѓето дека е машки геј. Вели дека е свесна оти начинот на кој луѓето ја гледаат ќе се промени, но сепак одлучила да биде отворено трансродова за да не жали за тоа подоцна во животот.

„Веќе ги поминав годините од мојот живот кога се формирав како погрешен пол. Не сакав ниту дваесеттите да ги трошам во погрешно тело. Ваквиот начин на размислување ми помогна да им признам на своите родители. Транзицијата ја почнав во 2017 година, им кажав на родителите, а тие не можеа да ја прифатат мојата одлука. Кога дознаа дека земам хормони, ми дадоа две опции – да престанам или да го напуштам домот“, раскажала таа.

Таа вечер Ариел спакувала сè што имала во црна вреќа за ѓубре и излегла не знаејќи што ќе ѝ се случи.

„Животот ми се преврте наопаку, но повеќе сакам да поминам низ пекол како жена отколку да имам лесен живот како маж“, рекла таа.

Ариел за себе вели дека е религиозна и дека целиот свој живот одела во црква, а таму ја учеле дека ќе гори во пеколот затоа што сака да биде жена, се борела со тешки напади на депресија и размислувала да се самоубие. И покрај тоа, таа ги надминала сите тешкотии и сега е среќна како жена.

Иако здравствениот систем на Нов Зеланд дозволува јавно финансирање за промена на полот, во некои случаи процесот на добивање одобрение е макотрпен и списокот на чекање е долг. Затоа Ариел отпатувала на Тајланд и платила 15.000 долари за процедурите, кои вклучуваат импланти на градите и вагинопластика.

Нов Зеланд неодамна воведе и новини во наставната програма, кои им овозможуваат на децата додека се на училиште да го изберат својот пол. Иако иницијативата предизвика многу критики, Ариел вели дека тоа не е нешто за што некој треба да се грижи.

„Тие не бараат од вас да го смените полот, нема да го промени вашиот секојдневен живот. Нема да изгубите ништо ако сте љубезни и ги поддржувате другите“, вели мис Нов Зеланд.

Scroll to Top