Папата првпат поддржа геј-бракови: Тие се божји деца и имаат право на семејство

Папата Франциско во документарц, кој денеска беше премиерно прикажан, изјави дека геј-луѓето треба да може да го легализираат своето партнерство, пренесува „Ројтерс“. Тоа е една од неговите најдиректни изјави за поддршка на хомосексуалците.

„Хомосексуалците имаат право да бидат семејство. Тие се божји деца и имаат право на семејство“, рече папата во изјавата.

„Неопходно е да се донесе закон за граѓански брак. На тој начин тие ќе бидат законски опфатени. Јас се залагам за тоа“, додаде папата, со тоа поддржувајќи го животното партнерство на хомосексуалците, што е досега невидена позиција во рамките на Католичката црква.

Папата Франциско овие ставови ги претстави во документарниот филм „Франческо“, што беше прикажан денеска на Филмскиот фестивал во Рим и се занимава со ликот и делото на сегашниот папа.

Авторката на филмот, Евгени Афинеевски, вели дека папата ја изразил својата поддршка за ЛГБТ-правата за време на интервју направено за потребите на документарниот филм.

Неговата директна поддршка за геј-заедницата претставува израз на сосема поинакво гледиште од неговите претходници, но е и значајна промена во неговите претходни лични ставови.

Scroll to Top