Пиштолот Walther PP, кој Шон Конери го користеше во првиот филм за Џејмс Бонд од 1962 година, „Доктор Но“, е продаден на аукција за 256 илјади долари. Со сумата пиштолот ги надмина очекувањата на аукциската куќа „Џулиенс окшнс“, од каде што очекувале најмногу 200 илјади долари.
Аукциската куќа соопшти дека купувачот, кој сакал да остане анонимен, е Американец и дека заедно со своите деца ги изгледал сите филмови за тајниот агент 007. Се верува дека полуавтоматскиот пиштол постигна толкава цена бидејќи Конери почина пред неполни два месеца, а тоа му ја зголеми вредноста на предметот.
На истата аукција за 108 илјади долари е продадена и кацигата што Том Круз ја носеше во „Toп ган“, како и самурајскиот меч на Брус Вилис од „Палп фикшн“, кој достигна цена од 35.200 долари.