По Оскарите, се одложува и доделувањето на „Златните глобуси“

Откако Оскарите за 2021 година се одложија за април, сега е одложена и церемонијата на доделувањето на филмските награди „Златни глобуси“. Таа наместо во јануари, ќе се одржи на 28 февруари 2021 година, објавија организаторите.

Наградите „Златен глобус“ на тој начин ќе бидат доделени за време на викендот првично закажан за Оскарите.

Академијата за филмска уметност и наука, која ги организира Оскарите, минатата недела објави дека ќе ги олабави критериумите за да им овозможи на многу други филмови објавени на платформите за филм да се натпреваруваат за наградата. Исто така, се продолжи и периодот во кој филмовите мора да се прикажат во кината за да влезат во трката за номинација. Рокот беше преместен од 31 декември 2020 година до 28 февруари 2021 година.

Повеќето американски кина се затворени, а многу снимања уште не продолжија од страв од нов бран на епидемијата на Ковид-19.

И организаторите на другите церемонии на филмските награди, како што е британската Бафта, исто така најавија одложувања за 2021 година.

Scroll to Top