Режисерот на мјузиклот „Најголемиот шоумен“ ќе снима филм за Роби Вилијамс

Мајкл Грејси, кој го режира мјузиклот „Најголемиот шоумен“, ќе снима биографски филм за британската ѕвезда Роби Вилијамс. Освен што ќе го режира филмот, тој ќе биде и коавтор на сценариото.

Во интервјуто за интернет-страницата „Дедлајн“, Грејси откри дека снимањето ќе почне ова лето, а филмот ќе ја раскаже приказната за поп-ѕвездата, кој ја почна кариерата како дел од групата „Тејк дет“.

Вилијамс сними четири од 60-те најпродавани британски албуми на сите времиња, повеќе од кој било друг музичар. Иако не успеа да стане вистинска ѕвезда во САД, неговата популарност во Европа не се намалува. Единаесет од неговите 12 соло албуми беа први на британската топ-листа.

Грејси вели дека сите песни на Вилијамс повторно ќе бидат снимени, но не откри дали и пејачот ќе се појави во филмот.

„Приказната е фантастична и сакам да ја претставам во нејзината груба реалност. Тој не е најдобриот пејач или танчар, па сепак успеа да продаде 80 милиони албуми во светот“, изјави Грејси.

Scroll to Top