Силниот земјотрес во Хрватска ги поместил Сисак и Петриња и до 86 сантиметри

Државната геодетска управа на Хрватска направила контролни мерења на подрачјето на Петриња, Глина и Сисак по серијата силни земјотреси што го погодија регионот пред и околу Нова година. Тие утврдиле дека Петриња и Сисак се поместени и до 86 сантиметри по силните земјотреси, но дека имало и висинско поместување на територијата на Глина од 10 сантиметри.

„Врз основа на добиените резултати и анализата на координатите на постојаните точки од геодетската основа пред и по земјотресот, утврдено е дека најголемо поместување покажуваат точките на подрачјето на Петриња, и тоа со средни вредности на поместување од 45 сантиметри во насока на југоисток, а средните вредности на движење на Глина изнесуваат 10 сантиметри кон северозапад, односно 10 сантиметри кон североисток за подрачјето на Сисак. Исто така, утврдено е поместување од 10 сантиметри (спуштање на земјата) за подрачјето на Глина“, објави Цивилната заштита.

За потсетување, првиот земјотрес од 6,2 степени ја погоди Хрватска на 29 декември, со епицентар на 3 км од Петриња, се почувствува во целата земја, но и во Љубљана и Белград. По ова, имаше десетици посилни и послаби потреси, а последниот земјотрес од 3,8 степени е регистриран на 19 јануари. Во земјотресите беше причинета огромна материјална штета, а имаше и човечки жртви.

Scroll to Top