По повод 35 години кариера, Бајага и инструктори на 13 септември ќе одржат славенички концерт во Скопје на Стадионот на АРМ. На концертот ќе ги придружува хор и оркестар, водени од диригентот Војкан Борисављевиќ.
„Стадионот има капацитет од 15 илјади, но во продажба ќе бидат пуштени само 4.000 влезници. Цената за билетите за партер е 700 денари, а за фанпит е 1000 денари“, велат организаторите „Авалон продукција“.
Концертот на Бајага и инструктори ќе трае три часа, а ќе има гости кои ќе ја отворат вечерта. Од „Авалон“ најавија дека нивните имиња ќе бидат дополнително откриени.
„Носењето заштитни маски ќе биде задолжително за сите, без исклучок, согласно препораките и протоколите за одржување јавни настани кои се одобрени од Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести за превенција од Ковид-19“, додаваат организаторите.