(Видео) Тинејџерка од САД доби награда за откритие што може да доведе до лек за коронавирусот

By

Додека светот ја чека вакцината против коронавирусот, младата тинејџерка Аника Чебролу од Фриск во Тексас ја доби престижната награда „3М предизвик за млади научници 2020“ и 25.000 долари за откритието што би можело да доведе до потенцијална терапија за Ковид-19.

„Предизвикот млад научник“ е натпреварување за средношколци во САД, слично како и во Европа, под покровителство на компанијата „Дискавери“ и „3М“, пренесува Си-ен-ен.

Натпреварувачите преку кратко видео ги изнесуваат своите идеи за новите изуми со кои би се решиле секојдневните проблеми, а десет финалисти добиваат можност да работат рамо до рамо со научниците од конгломератот „3М“ за време на летото.

Тие ќе имаат можност да работат и во иновативниот центар на компанијата во Минесота и да се натпреваруваат за награда од 25.000 долари и титула за најдобар американски млад научник.

Победничкиот изум на Аника, таканаречениот In silico, е методологија што ги открива главните молекули што може селективно да се врзат за протеинот на вирусот на SARS-Cov-2.

„Последните два дена видов дека доста внимание во медиумите е посветено на мојот проект затоа што е поврзан со коронавирусот. Тоа се рефлектира на нашата колективна надеж дека пандемијата набргу ќе заврши. И јас како и сите други сакам што побргу да се вратат нашите нормални животи“, изјавила таа за Си-ен-ен.

Од Ковид-19 досега починаа повеќе од 1,1 милион луѓе во светот откако Кина ѝ го пријави првиот случај на Светската здравствена организаија во декември минатата година.

Аника е Американка со индиско потекло и таа го поднела својот проект на натпреварувањето кога била осмо одделение. Но, тој на почетокот не бил наменет за пронаоѓање на лекот за Ковид-19. Иницијално, нејзината цел била со помош на методите In-silico да се идентификуваат водечките соединенија, кои би можеле да се поврзат за протеинот на вирусот на грипот.

„Откако поминав толку време во истражувањето на пандемијата, вирусите и лековите, би било лудо да се помисли дека се радувам на вакво нешто. Поради големата сериозност на пандемијата на Ковид-19 и драстичните последици, кои за толку кратко време се случија, со помош на мојот ментор се насочивме да најдеме решение за SARS-Cov-2“, изјавила Аника.

Таа изјавила дека била инспирирана да најде лек за вирусот кога дознала за пандемијата на грипот во 1918 година и кога открила дека многу луѓе од него умирале секоја година во САД и покрај вакцинирањето против болеста и достапните лекови на пазарот.

„Аника има радознал ум и го користи за да испитува и бара решенија за вакцината против Ковид-19. Нејзијата работа е сеопфатна и досега има испитано голема база податоци. Исто така, развила и разбирање за процесите и иновациите и е врвен комуникатор. Нејзината волја да го користи времето и талентот за да му помогне на светот да стане подобро место за сите ни дава на сите нам надеж“, изјавила Синди Мос, судијата на натпреварувањето.

Аника признала дека иако ѝ е дадена почест со наградата и титулата, нејзината работа уште не е завршена. Во следната задача таа ќе работи заедно со научниците што се борат да ги контролираат морбидитетот и морталитетот. Таа истовремено ќе ги развива своите откритија во вистински лек за коронавирусот.

Кога не е во лабораторијата, 14-годишната тинејџерка се занимава со традиционалниот индиски танц Bhaarataatjamom, кој го вежба веќе осум години.

 

Ќе ви се допадне