(Видео) Живот во солзи на супермајката од Уганда, која има 38 деца

39-годишната Маријам Набатаци од Уганда има рекорден број бебиња, а децата имаат ист татко. Родила четворки пет пати, тројки четири пати, а близнаци шест пати. Но, сега лекарите, конечно, откриле зошто Маријам е толку плодна. Ѝ било кажано дека страда од ретка генетска состојба поради која може постојано да забременува и да раѓа.

Таа сега се грижи за своите 38 деца

„Нејзиниот случај е генетска предиспозиција на хиперовулација, што значајно ја зголемува шансата за повеќекратно раѓање“, рекол доктор Чарлс Кигунду, гинеколог во Кампала.

Маријам потврдила дека повеќе нема да може да има деца.

„Лекарот ми рече дека ќе ми ја отстрани матката“, рекла таа за локалните медиуми.

За жал, нејзиниот сопруг ја напуштил пред три години и сега ја сноси целата одговорност за одгледување на своето големо семејство.

Маријам се омажила на 12 години со својот тогаш 40-годишен сопруг. Нејзините први близнаци биле родени само една година подоцна.

По раѓањето на првите близнаци, Маријам отишла на лекар, кој ѝ рекол дека има необично големи јајчници. Ја советувал дека контрацепцијата во вид на апчиња може да го оштети нејзиното здравје.

Многубројните семејства во Африка се чести, а жените во Уганда во просек раѓаат од 5 до 6 деца, што, според податоците на Светската банка, е еден од најголемите наталитети на континентот.

Но, дури и во Уганда нејзиното семејство се смета за огромно.

Кога имала 23 години, Маријам имала 25 деца и во очај отишла на лекар кој би спречил повторно да роди, ама тој ја советувал дека треба пак да роди. Во последната бременост пред две и пол години Маријам имала компликации. Го родила шестиот пар близнаци, но, за жал, едно од бебињата починало при раѓањето.

Тогаш ја напуштил и нејзиниот сопруг, кој често бил отсутен. „Неговото име е сега семејно проклетство. Јас пораснав во солзи. Го минав сето време чувајќи ги децата и обидувајќи се да заработам малку пари, а тој ме остави“, рекла Маријам.

Scroll to Top