Зошто се слави Стара нова година и Василица: Обичаи и традиција

Секоја година православните христијани  ја празнуваат Нова година двапати. Еднаш на првиот ден од новата година според светскиот календар, а вториот пат на вечерта на 13 јануари.

Но дали знаете зошто се празнува Стара нова година?

Постојат два календари, Јулијанскиот и Грегоријанскиот. Источната православна црква и понатаму го користи Јулијанскиот календар, а според него новата година почнува на 14 јануари од Грегоријанскиот календар. Официјално, насекаде низ светот Нова година се слави водејќи се според Грегоријанскиот календар и овој датум е општо прифатен.

На 1 јануари се дочекува Новата година, но покрај тоа се празнува и Обрезание Господово и Свети Василиј Велики.

Кај земјите кои го имаат прифатено Јулијанскиот календар, 1 јануари претставува државен празник, но верските празници Обрезание Господово и Свети Василиј Велики се празнуваат на 14 јануари. Оттука доаѓа и терминот Стара нова година, која се дочекува на 13 јануари.

Оваа традиција постои во Македонија, Србија, Црна Гора, Белорусија, Украина, Русија, Ерусалим, но и во некои германски кантони во Швајцарија и во некои делови во Шкотска.

 

 

Првиот ден од православната Нова година се слави празникот за Свети Василиј Велики, или познат како Василица. Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.

На Василица верниците кршат лепче со паричка и се верува дека оној кому ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.

Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народното верување, ги прогонува лошите сили. Годинава нема да се палат василичарските исто како и коледарските огнови поради мерките за заштита од пандемјата.

Инаку, Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Scroll to Top