Новата вакцина против коронавирусот е 90 проценти ефикасна

Американскиот производител на лекови „Фајзер“, во соработка со германскиот „Бионтек“, создае нова вакцина против коронавирусот, а раната анализа од испитувањето покажала дека таа е 90 % ефикасна во спречувањето на Ковид-19, пишува „Дојче веле“.

„Фајзер“ и „Бионтек“ објавија само мали детали од клиничките испитувања, кои се добиени по првиот формален преглед на податоците од страна на надворешни експерти. Компанијата соопшти дека анализата открила оти вакцината е ефикасна повеќе од 90 проценти во спречување на болеста кај доброволците, кои немале докази за претходна инфекција со коронавирусот. Ако резултатите се задржат, тоа ниво на заштита ќе ја постави оваа вакцина на исто ниво со високоефективните детски вакцини за болести, како што се сипаниците. Исто така, не се забележани сериозни проблеми со безбедноста, соопшти компанијата.

„Фајзер“ планира да побара од Управата за храна и лекови итно одобрување на вакцината со две дози до крајот на месецот кога ќе ги собере препорачаните податоци за безбедноста од препорачаните два месеца. До крајот на годината ќе има произведено доволно дози за да се имунизираат од 15 до 20 милиони луѓе, изјавија директорите на компанијата.

„Ова е историски момент. Ова беше разорна ситуација, пандемија, и тргнавме по патот и со цел што никој досега не ја постигнал – да излеземе со вакцина за една година“, рече Катрин Јансен,  потпретседател и раководител на истражување и развој на вакцини во „Фајзер“.

Независни научници предупредуваат да не се објавуваат рани резултати пред да се соберат долгорочните податоци за безбедност и ефикасност на вакцината. Сепак, развојот го прави „Фајзер“ првата компанија што објави позитивни резултати од испитувањето со вакцини во доцен стадиум ставајќи ја прва во трката за вакцина која почна во јануари и се одвиваше со рекордна брзина.

Досега единаесет вакцини се во испитувања во доцна фаза, од кои четири во САД.

Scroll to Top