Сопственик на еден паб во Велика Британија ставил електрична ограда пред својот шанк, за да ги одврати муштериите да се приближуваат и да одржуваат физичко растојание поради коронавирусот.
Џони Мекфаден, кој го води барот „Стар ин“ во Корнвол, изјавил дека неговиот бар е организиран така што луѓето држат растојание во просторот во кој се служат само пијалаци, без храна.
Ограничувањето што го поставил го опишал како само обична електрична ограда, каква ќе видите и на полињата. Прашан дали низ жицата е пуштена струја, тој на шега само кратко одговорил: „Дојдете и откријте“. Џони објаснува дека постои факторот страв и тој функционира.
Џони вели дека барал начини како да им испрати порака на муштериите за важноста од држењето физичко растојание, како превентивна мерка против короната, затоа што кога луѓето во барот ќе консумираат пијалаци целосно се менуваат.
Тој вели дека оградата функционира, затоа што луѓето се држат подалеку од неа. Вели дека луѓето понекогаш се однесуваат како овците.
„Тие знаат дека оградата е тука и не сакаат да ја допрат за да откријат дали е вклучена или не“, вели Џони, кој објаснува дека муштериите се задоволни од оградата и дека тоа предизвика смеа кај нив.
Сепак, постои само една личност која сè уште ја нема видено смешната страна на ова, а тоа е неговиот агент за осигурување.
„Тој е малку загрижен, затоа што тоа му е работата. Му кажал еднаш на мојот внук дека се надева дека не им приредувам на луѓето струјни шокови. Па, јас велам, нека дојде и нека се увери самиот“, вели Џони.