Научници велат дека ја откриле веројатната причина и објаснување за бизарното однесување на стадо овци кои 12 дена се движеле во круг на една фарма во Монголија. Видеото кое претходно го објавија кинеските медиуми, а им го испрати стопанот, стана хит на „Твитер“.
„Изгледа дека овците предолго биле затворени. Тоа резултирало со стереотипно однесување. Движење во круг е резултат на фрустрација од затворениот и монотон простор. Овците го следат однесување на нивните другарки од стадото“, рече Мет Бел, професор на Одделението за агрокултура на Универзитетот Хартпури во Глочестер, пренесе „Њујорк пост“.
Социјалното однесување на овците е диктирано од „менталитетот на стадото“, кој ги координира движењата на членовите и им овозможува полесно да се заштитат и да избегаат од предаторите. На фармата госпоѓа Миао има 34 групи со овци, а само кај 13 се појавило ова чудно однесување.