Принцот Чарлс дизајнираше модна линија: Скапа облека за најбогатите

Британскиот престолонаследник, принцот Чарлс, ја претстави и својата линија облека, која ќе може да си ја дозволат само богатите. Најевтиното парче е ролка од кашмир, која чини околу 600 евра.

Колекцијата „Модерн артисан“ е составена од 18 луксузни парчиња облека – десет женски и осум машки, изработени од најквалитетни природни материјали и според принципите на одржливост што ги застапува принцот во сите области од животот. Кпутот од мерино волна и кашмир чини 2.200 евра, памучна кошула од неговата линија ќе се птодава за 1.100 евра, а блузон што одговара со неа има цена од 1.800 евра. Панталоните што ги дизајнираше принцот се 1.400 евра.

Чарлс неколку пати беше прогласуван за најдобро облечен маж во Британија според модните магазини „Eсквајер“ и „Џи-кју“. Па, кога станува збор за облеката, како што изјави за британски „Вог“, тој е згрозен од „брзата мода“, што значи купување и фрлање облека во големи количини.

„Претпочитам да ги поправам и преработувам, наместо да фрлам работи од плакарот“, рече тој пред неколку години.

Проектот на принцот е финансиран од неговата Фондација, а е во соработка со италијанскиот бренд „Јукс-нет-а-портер“. Облеката со потпис на британскиот принц ќе се продава преку нивната интернет-страница. Целта за оваа долгорочна соработка, меѓу другото, е зајакнување на традиционалните вештини во производството на облека во Велика Британија и во Италија. Целиот приход ќе се вложи во програми за курсеви по текстил за млади луѓе преку Фондацијата на принцот.

Scroll to Top