„Поново” е последната песна на Аки Рахимовски и кај нас ексклузивно ќе се емитува во 15 часот на шест радиостаници. Метрополис Радио Мрежа, Бубамара, Скај радио, Супер радио од Охрид, како и на две интернет-радиостаници – Анторис радио и радио Мост во исто време ќе ја објават песната.  „Кроација рекордс“ и  „Парни ваљак” во спомен на Аки ја покренаа иницијативата преку која, на посебен начин, се простуваат од Рахимовски. Повеќе од 150 регионални радиостаници во исто време ќе го емитуваат синглот и на тој начин ќе испратат последен поздрав до музичкиот великан.Синглот „Поново” е на Хсеин Хасанефендиќ Хус и требаше да го најави новиот албум на „Парни ваљак“ и за нивната скорешна голема турнеја…– Најзначајниот рок-бенд на нашите простори со песната „Поново” се збогува со човекот чиј живот беше музиката, кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен и пример за генерации. Аки наеднаш нè напушти, но неговиот дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со „Парни ваљак”, се заљубивме, се смеевме и плачевме, се вели во заедничкото соопштение на „Кроација рекордс“ и на „Парни ваљак”.

Вчера, на Градскиот плоштад во Скопје, пред „Пелистер”, на Аки му беше оддадена почит со отворање книга на жалост, а се пуштаа песни на  „Парни ваљак“.

Фото: С.Хујзак